Украина и европските земји во петокот ја поддржаа иницијативата за формирање специјален суд кој треба да ги гони рускиот претседател Владимир Путин и другите руски лидери за злосторства извршени во агресијата против Украина.
Министрите за надворешни работи се состанаа во Лавов, западна Украина, и потпишаа декларација за судот што треба да работи во рамките на Советот на Европа.
Потпишувањето се толкува како знак на единство на денот кога Москва го одбележува Денот на победата во Втората светска војна.
„Го поздравуваме завршувањето на техничката работа на нацрт-правните инструменти потребни за формирање, во рамките на Советот на Европа, на специјален суд за кривично дело агресија против Украина“, се вели во заедничката изјава објавена од украинското Министерство за надворешни работи, во која се наведува дека истата е одобрена од шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.
Судот ќе биде во рамките на Советот на Европа, водечката континентална организација за човекови права формирана по Втората светска војна.
Европските земји ги засилија напорите за основање на судот откако американскиот претседател Доналд Трамп во февруари воведе санкции врз Меѓународниот кривичен суд, кој се занимава со гонење на воени злосторства во случаи кога земјите-членки не можат или не сакаат сами да го сторат тоа.
Русија негира дека нејзините војници извршиле злосторства во Украина, која ја нападнаа во февруари 2022 година. Украина тврди дека Русите извршиле илјадници воени злосторства.
Судот треба да започне со работа следната година.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги повика претставниците на повеќе од 40 земји, кои се собраа денес во Лавов, да ја поддржат одлуката за формирање на трибуналот.
„Ако барем една војна остане неказнета, ќе следат нови војни. Токму затоа Путин започна целосна инвазија на Украина, тој избегна казна за претходните војни, како бандит кој никогаш не беше повикан на одговорност за она што го сторил. Ова повеќе не смее да се дозволи“, рече Зеленски во видео обраќање до учесниците на состанокот.
„Русија мора да биде повикана на одговорност за својата агресија, исто како нацистите. Строг трибунал за злосторството агресија може и мора да го натера секој потенцијален агресор да размисли двапати. Можеме да го постигнеме и ова, ако секој што го цени човечкиот живот се залага за него. Не само тука, во Европа, туку и во Соединетите Американски Држави и други земји, како што денес гледаме претставници на Јапонија и Австралија тука“, рече претседателот на Украина.