Ниту осмиот обид за конституирање на деветтото свикување на косовското собрание не успеа, бидејќи кандидатката на движењето Самоопределување, Албулена Хаџиу, сепак не го доби потребното мнозинство гласови за да биде избрана за претседател на Парламентот.
Хаџиу денес доби 54 гласа, три помалку отколку во претходните обиди кога редовно имаше поддршка од 57 пратеници, што е за четири помалку од потребните 61. Тројца пратеници беа воздржани.
На нејзината кандидатура се спротивставија 44 претставници од претходните опозициски партии, кои бараат Самоопределување да предложи друго име за претседател на парламентот, што партијата го одбива.
Лидерот на втората по големина партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, изјави дека Движењето Самоопределување се однесува исто осми пат по ред.
„Прво, демократијата функционира со мнозинство. Второ, институциите им припаѓаат на народот. И, трето, времето на еднопартиското владеење и монизмот е завршено. Колку побрзо Движењето Самоопределување ги разбере овие три работи, толку подобро за земјата“, рече Красниќи.
Следната седница е закажана за четврток во 10 часот.
Конститутивната седница на косовското собрание почна на 15 април, а до денес беше прекинувана седум пати - двапати затоа што мандатите на пратениците не беа потврдени, а пет пати затоа што Хаџиу не го доби потребниот број гласови за избор на претседател на парламентот.
Според официјалните резултати од изборите одржани на 9 февруари, од 100 места во Собранието на Косово, Самоопределување освои 48 места, ПДК 24, Демократската лига на Косово (ЛДК) 20 и ААК/НИСМА 8. Останатите 20 места се резервирани за малцинските заедници.
Процесот на формирање нова влада на Косово може да започне дури по изборот на претседател и заменик-претседател на Собранието.
За избор на нова влада е потребна поддршка од најмалку 61 пратеник во собранието со 120 места.