Шпанскиот оператор „Ред Електрика“ денес објави дека снабдувањето со електрична енергија во таа земја е речиси целосно нормализирано.
Компанијата го објави ова на социјалната мрежа Икс, наведувајќи дека до 7 часот по локално време, 99,95 проценти од снабдувањето со електрична енергија е нормализирано.
Големи делови од Шпанија и Португалија останаа без електрична енергија во понеделник наутро, а во Шпанија најголемите проблеми беа во железничкиот сообраќај, бидејќи стотици луѓе ја поминаа ноќта на станиците.
Службениците за итни случаи во Шпанија соопштија дека спасиле околу 35.000 патници кои биле заглавени во возовите и во подземната метро за време на прекинот на струјата.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте објави дека брзиот и дел од приградскиот сообраќај ќе продолжат наутро, додека операторот „Ренфе“ објави дека врските меѓу Мадрид и Барселона, Леванте, Баскија, Малага и Гранада се нормализирани.
Утрово ќе се одржи уште една седница на Советот за национална безбедност, на која ќе претседава премиерот Педро Санчез, а ќе присуствува и кралот Фелипе VI.
Прекинот на електричната енергија предизвика огромни проблеми - сообраќајот беше во хаос бидејќи семафорите не работеа, железничкиот сообраќај беше прекинат, сообраќајот на авиони беше отежнат, додека болниците работеа со помош на генератори.
Плаќањата со картички беа оневозможени, а продавниците, аптеките и рестораните беа затворени.
Многу градови беа во целосен мрак во текот на ноќта, а јавните згради и споменици беа неосветлени, како што е базиликата Саграда Фамилија во Барселона.
Прекинот на електричната енергија предизвика големи пореметувања и во Португалија, чиј премиер рече дека проблемот произлегува од проблеми во шпанскиот систем.
Засега, причината за прекинот на електричната енергија е непозната, додека Европската Унија отфрли каква било можност дека станува збор за сајбер напад.
Властите ги предупредија граѓаните да не наседнуваат на лажните вести што се појавија на социјалните мрежи.