Најмалку 600 севернокорејски војници се убиени борејќи се заедно со руските сили во воените дејства меѓу Русија и Украина, соопшти денес разузнавачката агенција на Јужна Кореја.
Националната разузнавачка служба (НИС) го сподели тоа за време на брифингот зад затворени врати со разузнавачкиот комитет на Националното собрание, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Разузнавачката служба им кажала на пратениците дека Пјонгјанг најверојатно има вкупно над 4.700 жртви, вклучувајќи ги и 600-те потврдени загинати, откако нејзините сили почнаа да учествуваат во конфликтот.
Во понеделникот, Северна Кореја за првпат јавно потврди дека распоредила војници во Русија според условите на договорот за меѓусебна одбрана потпишан со Москва. Севернокорејската разузнавачка агенција проценува дека 15.000 севернокорејски војници биле распоредени во две фази, иако непријателствата во кои се вклучени овие сили, наводно, се намалиле од април по напредокот на Русија во регионот Курск.
Иако разузнавачката агенција не идентификуваше никакви нови движења на војници од Северна Кореја, таа истакна дека не може да исклучи нови идни испраќања.
Пјонгјанг и Москва минатата година потпишаа сеопфатно стратешко партнерство со кое се обврзуваат на меѓусебна воена поддршка во случај на напад од трета страна.
Во соопштението претходно оваа недела, Москва изјави дека ќе ја разгледа можноста за обезбедување воена помош на Северна Кореја според условите од договорот.