Францускиот претседател Емануел Макрон во денешниот телефонски разговор му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека страдањето на цивилите во Газа мора да заврши, и дека само примирјето во таа енклава може да ги ослободи преостанатите израелски заложници, пренесоа денеска француските медиуми.
Макрон повика и на отворање на сите премини за влез на хуманитарна помош во Газа, пренесува Монд.
Како што јави Монд, Макрон му пренел на израелскиот лидер дека ослободувањето на сите заложници и демилитаризацијата на Хамас сè уште се приоритет за Франција, додавајќи дека се надева на примирје и евентуално отворање на перспективата за политичко решение со две држави.
Според соопштението од кабинетот на Нетанјаху, израелскиот премиер му го пренел на Макрон своето силно противење на формирањето на палестинска држава, наведувајќи дека тоа ќе биде огромна награда за тероризмот.
„Израелскиот премиер му кажа на францускиот претседател дека палестинската држава формирана веднаш до израелските градови ќе стане упориште на иранскиот тероризам и дека мнозинството од израелската јавност се противи на тоа и ја поддржува конзистентната и долгорочна политика на Нетанјаху“, соопшти кабинетот на премиерот.
ОН предупредија дека хуманитарната криза во Газа излегува од контрола и дека помошта не влегува во енклавата со недели.
Палестинското милитантно движење Хамас вчера објави дека Израел понудил 45-дневно примирје доколку ослободи половина од преостанатите заложници во Газа.