Францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск денеска потпишаа нов договор за стратешко партнерство во францускиот град Нанси за продлабочување на билатералната соработка во одбраната, енергетиката и индустрискиот суверенитет.
Опишувајќи го француско-полското пријателство како „сојуз на срцето“, Макрон рече дека договорот означува пресвртница во односите меѓу двете земји и одразува заедничка посветеност кон посилна, посуверена Европа.
„Градиме неповратна солидарност заснована на доверба стекната низ кризи, особено во последните години“, рече Макрон за време на заедничката прес-конференција со Туск по церемонијата на потпишување.
Договорот вклучува клаузула за заемна одбрана и помош што ги зајакнува обврските во рамките на НАТО и ЕУ, а истовремено повикува на зајакната европска стратешка автономија.
Макрон рече дека договорот ќе помогне да се забрзаат заедничките инвестиции во европската индустриска база за одбрана, вклучително и во производството на оружје и муниција.
Тој, исто така, ја бранеше потребата од европски одбранбен столб во рамките на НАТО, нагласувајќи дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност во контекст на неизвесен ангажман на САД.
„Се надеваме дека Соединетите Држави ќе останат ангажирани“, рече Макрон, додавајќи дека „но мора да се зајакнеме за да бидеме помалку зависни од непредвидливоста на одлуките на другите“.
Во врска со Украина, тој повика на 30-дневен прекин на огнот како прв чекор кон траен мир, нагласувајќи дека секој договор мора да вклучува гаранции за спречување на Русија да продолжи со „агресијата“.
Туск рече дека Европа мора да биде подготвена да се одбрани и да ја продлабочи интраевропската одбранбена соработка, нагласувајќи дека Франција ќе биде клучен партнер во зајакнувањето на воените капацитети на Полска.
Туск подвлече дека Полска, која веќе е домаќин на една од најголемите армии на ЕУ, е посветена на градење на најсилната одбранбена сила на континентот - не како алтернатива на НАТО, туку како дополнување на трансатлантскиот сојуз.
„Придаваме големо значење на нашиот сојуз со Соединетите Американски Држави. Но, секаде каде што е можно, ќе ги зајакнеме европските одбранбени капацитети преку заедничка набавка и индустриска соработка, а Франција ќе биде наш водечки партнер“, додаде тој.