Во моментов нема докази дека прекините на електричната енергија во Шпанија и Португалија се поврзани со сајбер напад, изјави во понеделник претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Коста рече дека разговарал телефонски со шпанскиот премиер Педро Санчез и португалскиот премиер Луис Монтенегро за големиот прекин на струја што ги погоди двете земји.
„Операторите на електричната мрежа во двете земји работат на пронаоѓање на причината за фефектот и враќање на снабдувањето со електрична енергија“, напиша тој на мрежата X.
Тој објасни дека „во моментов нема индикации дека станува збор за сајбер напад“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така разговараше со Санчез, потврдувајќи ја поддршката на Комисијата во следењето на ситуацијата заедно со националните и европските тела и Групата за координација на електричната енергија.
„Ќе ги координираме напорите и ќе споделуваме информации за да помогнеме во обновувањето на електроенергетскиот систем и се согласивме да останеме во постојан контакт“, напиша фон дер Лајен на мрежата X.
Жоао Консеисао, член на одборот на португалската компанија за електрична енергија РЕН, изјави дека не ја исклучува можноста за „огромна осцилација на електричниот напон, прво во шпанскиот систем, која потоа се прелеала во португалскиот систем“. Може да има илјада и една причина, сè уште е рано да се каже која е причината, изјави тој.
Шпанскиот оператор „Ред Електрика“ верува дека проблемот потекнува од интерконекцијата со Франција.
„Европските системи не можат да се справат со губењето на електрична енергија од такви размери што предизвикаа прекин на електричната енергија меѓу шпанската и француската мрежа и последователно предизвикаа колапс на шпанскиот електроенергетски систем“, рече директорот на компанијата Едуардо Прието.
„Ред Електрика“ денес објави дека до 7 часот по локално време, 99,95 проценти од снабдувањето со електрична енергија е нормализирано.
Прекини на електричната енергија се случија низ Португалија, Шпанија и Андора околу пладне во понеделник, а погодени беа и делови од Франција. Во Шпанија најголемите проблеми беа во железничкиот сообраќај, бидејќи стотици луѓе ја поминаа ноќта на станиците.