Воздушната битка меѓу пакистанските авиони произведени во Кина и индиските борбени авиони „Рафал“ произведени во Франција ќе биде внимателно анализирана од страна на светските армии, кои бараат сознанија што би можеле да понудат предност во идните конфликти.
Пакистански борбен авион произведен во Кина соборил најмалку два индиски воени авиони во среда, изјавија двајца американски претставници за новинската агенција Ројтерс, што претставува потенцијална голема пресвртница за напредниот авион на Пекинг.
Пакистан тврди дека соборил најмалку пет индиски авиони, вклучувајќи три „рафали“, во битка во која, според извештаите, учествувале околу 30 пакистански и 70 индиски борбени авиони.
Би-Би-Си Верифај вели дека автентицирала повеќе видеа кои се чини дека ги поддржуваат елементите на тврдењето на Пакистан.
Воздушниот судир е ретка можност за војските да ги проучат перформансите на пилотите, борбените авиони и ракетите воздух-воздух во активна борба и да го искористат тоа знаење за да ги подготват своите воздушни сили за битка.
Експертите велат дека употребата на напредно оружје во реално време ќе биде анализирана низ целиот свет, вклучително и во Кина и САД, кои се подготвуваат за потенцијален конфликт околу Тајван или во поширокиот Азиско-пацифички регион.
Еден американски функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека постои големо уверување дека Пакистан го користел авионот J-10, произведен во Кина, за лансирање ракети воздух-воздух против индиските борбени авиони.
Објавите на социјалните медиуми се фокусираа на перформансите на кинеската ракета воздух-воздух ПЛ-15 против Метеор, ракета воздух-воздух водена со радар, произведена од европската група МБДA. Нема официјална потврда дека е употребено ова оружје.
„Заедниците за воздушно војување на социјалните мрежи во Кина, САД и голем број европски земји ќе бидат исклучително заинтересирани да се обидат да добијат што е можно повеќе вистина за тактиките, техниките, процедурите, кој комплет бил користен, што функционирало, а што не“, рече Даглас Бари, виш соработник за воена воздухопловство во Меѓународниот институт за стратешки студии.
„Вие веројатно го имате најспособното оружје на Кина против најспособното оружје на Западот, ако навистина било носено; ние тоа не го знаеме“, рече Бари.
Французите и Американците веројатно би се надевале на слични разузнавачки информации од Индија, смета Бари.
„ПЛ-15 е голем проблем. Тоа е нешто на што американската војска обрнува многу внимание“, рече извршен директор на одбранбената индустрија.
Обуката на пилоти во фокусот
Производителот на Рафал, Дасолт Авиација (Dassault Aviation), одби да коментира, а конзорциумот MБДA не можеше веднаш да се контактира за коментар на француски државен празник.
Западните аналитичари и извори од индустријата рекоа дека клучните детали остануваат нејасни, вклучително и дали „рафалите“ носеле Метеор ракети, како и видот и количината на обука што ја добиле пилотите.
Компаниите за оружје, исто така, би сакале да ги издвојат техничките перформанси од оперативните фактори, велат аналитичарите.
„Ќе има ревизии за тоа што функционира, а што не, но мислам дека другата прекривка е пословичната магла на војната“, рече Бајрон Калан, експерт за одбрана со седиште во Вашингтон и управувачки партнер на „Капитал Алфа Партнерс“.
Американските компании за оружје добиваат постојани повратни информации за тоа како нивните производи функционираат во војната во Украина, рече тој.
„Значи, апсолутно очекувам истото да биде случај и со европските добавувачи на Индија, а Пакистан и Кина веројатно ги делат истите повратни информации. Ако ПЛ-15 работи како што е рекламирано или подобро од очекуваното, Кинезите би сакале да го чујат тоа.“
Извор од одбранбената индустрија од западна земја што користи Метеор рече дека онлајн слика од трагач сѐ чини дека прикажува компонента на ракета што ја промашила целта.
Постојат спротивставени извештаи за тоа дали Пакистан ја има домашната верзија на ПЛ-15 од ПЛAAФ, Кинеското народноослободително воздухопловство или верзијата со помал дострел за извоз јавно претставена во 2021 година.
Бари, кој пишуваше многу за ракетата, рече дека верува оти Пакистан најверојатно ја има извозната верзија.
ПЛ-15 наспроти Метеор
Западен индустриски извор ги отфрли тврдењата дека ракетата ПЛ-15 има поголем дострел од Метеор која има воздушно-реактивен погон, но призна дека неговата способност „можеби е поголема отколку што се мислеше“.
Дострелот на Метеор не е официјално објавен. „Во моментов не е можно да се процени ништо. Знаеме толку малку“, рече индустрискиот извор.
Дострелот и перформансите на ПЛ-15 се во фокусот на западниот интерес со години. Неговата појава се сметаше за еден од многуте сигнали дека Кина се поместила многу подалеку од зависноста од неинвентивната технологија од советската ера.
Проценките се дека ПЛ-15 на ПЛААФ има достре до 300 километри, додека извозните модели двојно помалку или 145 километри.
Соединетите Американски Држави го развиваат заедничкиот напреден тактички проектил AИM-260 преку „Локид Мартин“ делумно како одговор на ПЛ-15 и неговите перформанси надвор од визуелниот дострел - дел од поширокото ресетирање на западните приоритети кон Кина.
Европските нации истражуваат за надградба на веќе средовечната ракета Метеор, за која специјализираната публикација „Џејнс“ вели дека би можела да вклучува погон и наводење, но аналитичарите велат дека напредокот е бавен.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во март му го додели на Боинг договорот за изградба на најсофистицираниот борбен авион на американските воздухопловни сили досега, кој веројатно ќе вклучува стелт технологија, напредни сензори и најсовремени мотори.