Украинскиот претседател Володимир Зеленски и Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска имаа работна средба на која разговараа за потребата на Украина од системи за противвоздушна одбрана, како и друго оружје.
„Очекуваме да се спроведат нашите договори за противвоздушна одбрана во Европа и Америка, ни требаат системи Патриот, подготвени сме да се обединиме, да најдеме пари за да ги купиме. Има системи во светот и зависи исклучиво од одлуката на лидерите дали ќе имаме доволно заштита од руските балистички ракети“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека не само во Украина, туку и во Европа сите треба да се обединат заради безбедноста, да се произведе повеќе оружје и да се создаде повеќе заедничко одбранбено производство.
Зборувајќи за преговорите меѓу САД и Русија, Зеленски истакна дека рускиот претседател Владимир Путин го игнорирал американскиот предлог за целосен прекин на огнот на 35 дена.
„Неодамнешните руски напади врз Криви Рог, Суми и други градови покажуваат дека Русите се решени да ја продолжат војната и да вршат притисок врз Западот, а самите да не чувствуваат никаков притисок“, нагласи тој.
Тој исто така истакна дека во иднина е многу важно да се работи во коалиција на оние кои се подготвени и способни да ја гарантираат безбедноста на Украина.
„Британија, Франција и другите земји од НАТО веќе активно ја подготвуваат основата за безбедносниот контингент. Важно е да бидеме брзи и ефикасни во овој процес“, рече Зеленски.
Генералниот секретар на НАТО ги осуди руските напади врз цивилната инфраструктура на Украина и изрази сочувство до семејствата на загинатите во Сума и Криви Рих.
„НАТО стои на страна на Украина. Неодамна беа покренати прашања за поддршката на НАТО, но нашата поддршка е несомнена. НАТО продолжува да обезбедува политичка и други форми на помош за Украина“, рече Руте.
Тој додаде дека во првите три месеци од оваа година партнерите од НАТО веќе обезбедиле над 20 милијарди евра помош за Украина.
Двајцата лидери ја посетија воената болница во Одеса, при што се сретнаа со ранетите војници.
„Украинскиот народ издржа толку многу, не само нападот на Русија на Цветници во Суми. Поддршката на НАТО е непоколеблива“, рече Руте по посетата во објавата на платформата Х.
„Ние ќе продолжиме да ѝ помагаме на Украина за да може да се брани денес и да ја одврати идната агресија, обезбедувајќи праведен и траен мир“, додаде тој.
Зеленски рече дека им доделил државни награди на повредените војници и ја пофалил нивната „сила и издржливост“.
Тој исто така ги одликуваше и воените лекари за спасување животи во нападите на Херсон, Харков и Миколаев.
„Им благодарам на сите што ја бранат, лекуваат и поддржуваат Украина. Вие сте нашата сила“, додаде тој.
Најмалку 35 лица загинаа, а 117 се повредени во неделата во руски ракетен напад врз градот Суми во североисточниот дел на земјата, на околу 31 километар од руската граница.
Русија соопшти дека е погодено местото на средба на украинските офицери во Суми.