Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека Русија ја искривува историјата обидувајќи се да ја присвои Украина и дека Украинците дале голем придонес во победата над нацизмот.
„Со обидот да ја присвои Украина, Русија го присвојува сеќавањето на друга нација и ја искривува историјата. Затоа вреди да се потсетиме не само денес, на Денот на сеќавањето и победата над нацизмот, туку секогаш: Украинците дадоа голем придонес во таа победа. Тие го запреа глобалното зло со својата крв“, напиша Зеленски на платформата X.
Според него, повеќе од осум милиони Украинци се бореле против нацизмот, не само како дел од советската армија, туку и во сојузничките армии.
„Стотици илјади се бореа во партизански единици и движења на отпорот“, рече Зеленски.
Како што истакна тој, во таа војна Украина немаше никаква позадина - целата земја беше една континуирана линија на фронтот, место за собирање, отворена рана, страдаше секој град, секое село, секој дом и секое семејство.
„И нема да му го предадеме ова сеќавање на новиот, руски нацизам, исто како што нема да му ја предадеме ниту нашата сегашност“, рече Зеленски.
Како што изјави, победата и вистинското сеќавање не се со оние што одржуваат „паради“, туку со оние на чија страна е вистината.
„Да го почитуваме нашиот придонес во борбата против злото. И нашата сегашност, во која повторно се бориме против него“, рече Зеленски.
Пред осум децении, капитулацијата на нацистичка Германија го означи крајот на Втората светска војна во Европа, а тој ден се слави низ целиот свет како Ден на победата над фашизмот.
Бидејќи капитулацијата беше потпишана на 9 мај по московско време, тој датум беше прифатен како Ден на победата во Советскиот Сојуз и областите под нивно влијание, додека во западните земји се слави на 8 мај.