Играчот од средниот ред на Реал Мадрид и легенда на клубот, Лука Модриќ, објави емотивна порака на својот Инстаграм профил во четврток, потврдувајќи дека ќе го одигра својот последен натпревар на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во сабота.
„Драги Мадридисти, дојде моментот. Момент што никогаш не сакав да дојде, но таков е фудбалот, а во животот сè има почеток и крај... Во сабота ќе го одиграм мојот последен натпревар на Сантијаго Бернабеу“, објави хрватскиот фудбалер.
Тој потсети дека пристигнал во клубот во 2012 година со големи соништа и амбиции, но дека немал поим каква кариера го чека во најтрофејниот клуб во светот.
„Дојдов со надеж да го носам дресот на најдобриот клуб во светот и со амбиција да постигнам големи работи, но не можев ни да замислам што ќе се случи потоа. Играњето за Реал Мадрид ми го промени животот, и како фудбалер и како личност“, додаде тој.
Модриќ изрази длабока благодарност до клубот, претседателот Флорентино Перез, соиграчите, тренерите и сите што го поддржуваа во текот на повеќе од една деценија помината во „кралскиот“ дрес.
„Заминувам со срце полно со гордост, благодарност и незаборавни спомени. Иако по Светското клупско првенство повеќе нема да го носам овој дрес на теренот, засекогаш ќе бидам мадридиста. Ќе се видиме повторно. Реал Мадрид секогаш ќе биде мој дом. Засекогаш“, напиша Модриќ и заврши со реченицата:
„Здраво Мадрид и ништо повеќе.“ (Хала Мадрид, и ништо друго).
Модриќ одигра 590 натпревари за Реал Мадрид, постигнувајќи 43 гола и 95 асистенции.
Во август 2012 година, го одигра првио натпревар за Реал, во реваншот од шпанскиот Суперкуп против Барселона. Тоа беше првиот трофеј на Модриќ со Реал, а потоа освои уште 27, станувајќи најтрофејниот фудбалер во богатата историја на клубот.
Претходно играше за Тотенхем Хотспур и Динамо Загреб. Тој е долгогодишен капитен на хрватската репрезентација.