Првата сезона од реформираната Лига на шампиони, која има 36 клуба наместо досегашните 32 и користи лигашки систем наместо групна фаза, сѐ уште не е завршена, а УЕФА веќе разговара за потенцијалните промени за следната сезона, пишува германски Билд.
Основа за можни промени ќе бидат ставовите на клубовите за новиот формат на Лигата на шампионите, кој УЕФА во моментов активно ги собира.
Врз основа на тие ставови, Комитетот за клупски натпревари би можел да донесе одлука за можни промени на 30-ти мај во Минхен.
Ако предлозите бидат усвоени, тие ќе бидат проследени до Извршниот комитет на УЕФА. Еве што се предлага:
Една од значајните промени може да биде укинување на продолженијата во нокаут фазата. Во случај на нерешен резултат по 90 минути, победникот ќе се решава веднаш со изведување на пенал. Оваа идеја има за цел да го намали физичкиот товар на играчите, особено во исцрпувачкиот распоред на европските натпреварувања.
Клубовите кои се меѓу осумте најдобри во лигашката фаза и директно се квалификуваат во осминафиналето, би можеле да добијат дополнителна награда во четврт-финалето и полуфиналето - реваншот да го играат на домашен терен. Моментално оваа предност важи само за осминафиналето.
Оваа промена доаѓа по критиките од Арсенал, кој и покрај тоа што имаше подобра позиција мораше да го игра реваншот против Реал Мадрид на гостински терен.
Сепак, англискиот клуб убедливо победи и сега во полуфиналето се соочува со ПСЖ, кој исто така ќе има предност од домашен терен во реваншот, иако заврши на 15. место во лигата.
Во сегашниот формат, можно е клубови од иста земја да се сретнат по лигашката фаза што се случи оваа сезона: ПСЖ играше со Брест во плеј-офот, Баерн се соочи со Леверкузен во осминафиналето, додека Реал Мадрид го елиминира Атлетико.
Вакви натпревари, кои често се непопуларни меѓу навивачите и телевизиските куќи, по старото правило беа можни само од четвртфиналето. Враќањето на тоа правило се преиспитува за да се обезбеди поголем интерес од публиката и порамномерна распределба на атрактивни изведби.
Потенцијалните промени на УЕФА сè уште не се официјални, но одлуката би можела да се донесе најрано на крајот на мај - што значи дека новото издание на Лигата на шампионите 2025/26 да биде поинакво од ова премиерно.