Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, за утре, 15 април, со почеток во 10 часот свика седница на Собранието за избор на новата Влада.
На дневен ред на седницата е една точка - избор на Влада и заклетва на претседател и членови на Владата.
Кандидатот за премиер Ѓуро Мацут денеска до Собранието достави предлог за состав на Влада на Србија со биографиите на предложените членови на Владата.
Според предлогот, новата Влада на Србија, како и досега, ќе брои 31 член, а во споредба со Владата на чело со Милош Вучевиќ, една третина ќе бидат нови министри.
За прв вицепремиер и министер за финансии е предложен Синиша Мали, за вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а за вицепремиер и министер за економија Адријана Месаровиќ.
Братислав Гашиќ е предложен за министер за одбрана, Марко Ѓуриќ за министер за надворешни работи, кои и сега ги извршуват овие функции.
За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Драган Гламочиќ, за заштита на животната средина Сара Павков, за градежништво, транспорт и инфраструктура Александра Софронијевиќ, а за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Јагода Лазаревиќ е предложена за министер за внатрешна и надворешна трговија, Ненад Вујиќ за министер за правда, Снежана Пауновиќ за министерка за државна администрација и локална самоуправа, а Демо Бериш за министер за човекови и малцински права и социјален дијалог, а Немања Старовиќ за министер за евроинтеграции.
Кандидат за министер за образование е Дејан Вук Станковиќ, за здравство Златибор Лончар, а за труд, вработување, бранители и социјала Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски.
За министер за семејна грижа и демографија е предложена Јелена Жариќ Ковачевиќ, за министер за спорт Зоран Гајиќ, за култура Никола Селаковиќ, а за министер за руралн грижа Милан Кркобабиќ.
Академик Бела Балинт е предложен за министер за наука, технолошки развој и иновации, Хусеин Мемиќ за министер за туризам и млади, а Борис Братина за министер за информации и телекомуникации, а кандидат за министер за јавни инвестиции е Дарко Глишиќ.
За министри без ресор беа предложени Новица Тончев, Ѓорѓе Милиќевиќ, Усаме Зукорлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура.
Дел од опозицијата најавија дека нема да присуствуваат на седницата за избор на новата Влада на Србија.
Деловникот на Собранието предвидува мандатарот да го образложи предлогот пред членовите на својот кабинет и да го презентира планот и програмата на новата Влада.
Кога претставникот ќе изнесе излагање и ќе го предложи составот на новата Влада пред пратениците, се отвора дискусија за кандидатот, презентираната програма и кандидатите за членови на Владата.
На крајот од расправата претседателот на Собранието закажува ден за гласање за програмата на Владата и избор на претседател и членови на Владата.
За предлогот на мандатот Собранието одлучува во целина, со тајно гласање, освен ако не се одлучи јавно да се гласа и во тој случај се гласа по прозивка.
Владата се избира доколку за нејзиниот избор гласало мнозинството од вкупниот број пратеници, односно најмалку 126 пратеници.
По изборот на Владата, претседателот и членовите на Владата полагаат заклетва пред пратениците, со што почнува мандатот на новата Влада.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 6 април соопшти дека откако го слушнал мислењето на претставниците на избирачките листи, донел одлука да му го предложи на Народното собрание професор д-р Ѓура Мацут за кандидат за премиер на Република Србија.
Вучиќ посочи дека Мацут ги поседува потребните професионални и лични квалитети, како и стручност и посветеност да ја извршува функцијата премиер.
Српскиот парламент на 19 март ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, по што започна рокот од 30 дена за избор на нова влада.
Вучевиќ на 28 јануари поднесе неотповиклива оставка од таа функција, откако во Нови Сад се случи напад врз студенти блокадери.
Рокот за избор на Влада е 18 април на полноќ, а доколку дотогаш не се избере нова Влада, претседателот на Републиката е должен да го распушти Собранието и да распише избори, кои, според законот, би се одржале на почетокот на јуни.