Лав XIV ќе го започне својот прв ден како нов папа на Католичката црква со служење миса во Систинската капела, заедно со кардиналите кои го избраа, објави Ватикан.
Лав XIV беше избран во четвртокот во четвртиот круг од гласањето. Еден час откако се појави бел чад над оџакот на Систинската капела, тој излезе на балконот на базиликата „Свети Петар“, пред десетици илјади собрани луѓе.
„Мир со вас“ беа неговите први зборови, а во своето обраќање му се заблагодари на папата Франциск и рече дека Црквата мора да гради мостови меѓу луѓето.
Кардиналот Роберт Франсис Превост, страствен љубител на христијанската историја и математиката e првиот американски папа, кој по изборот за папа го избрал името Лав XIV.
По потекло од Чикаго, 69-годишниот монах од редот на следбеници на Свети Август е епископ на Чиклајо во Перу од 2015 година и мисионер во Латинска Америка.
Во 2019 година беше назначен за член на Црковниот совет, а од ноември 2020 година, за член на Епископскиот совет.
Папата Франциск го назначи за шеф на Дикастеријата за епископи во јануари 2023 година, а го прогласи за кардинал во септември.
Дипломирал теологија и докторирал по канонско право. Тој имал разни позиции, вклучувајќи директор за звања и мисии на августинскатапровинција Мајка на Добриот Совет во Олимпија Филдс во Соединетите Американски Држави, потоа игумен на заедницата во Перу, директор за образование, судски викар и професор по канонско право, патристика и морална теологија.
Во интервју за ватиканските медиуми, тој нагласи дека епископот е пастир близок до народот, а не менаџер.
Зборувајќи за справувањето со злоупотребата, тој прецизира дека „мора да бидеме транспарентни и да ги следиме жртвите“.
Значајно е што тој претседаваше со една од најреволуционерните реформи на Франциск кога додаде три жени во гласачкиот блок кој одлучува за номинациите за епископи испратени до папата.
За назначувањето на три жени меѓу членовите на Дикастеријата за епископи, тој рече дека нивниот став е збогатување на Дикастеријата и многу повеќе од едноставен гест од страна на Папата да каже дека сега тука има жени.
Во врска со учеството на епископите на социјалните медиуми, тој нагласува дека правилното користење на социјалните медиуми и комуникација вклучува голема одговорност, можност, но и ризик и дека треба да се биде многу внимателен при користењето на овие алатки.
Според сите извештаи, со овој избор на кардиналот Превост за папа, Католичката црква добива пастир чиј понтификат ќе отвори ново поглавје од евангелскиот континуитет во Црквата, проширувајќи ја инклузивноста, а воедно заштитувајќи ја црковната доктрина.
Се вели дека е многу близок до визијата на Франциск во врска со животната средина, помошта кон сиромашните и мигрантите. Тој рече во 2024 година дека „епископот не треба да биде мал принц што седи во своето кралство“.
Тој, исто така, го поддржа ставот на папата Франциск за дозволување на разведени и повторно венчани католици да примаат света причест.
Сепак, тој покажа само блага поддршка за тоа што Франциск им дозволува на свештениците да благословуваат истополови парови.