Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изрази скептицизам во врска со најновиот едностран руски предлог за прекин на огнот во Украина, објавен по повод одбележувањето на крајот на Втората светска војна.
„Искуството од последните недели покажува дека најавите се едно, а реалноста е друго“, изјави Писториус потсетувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин претходно најави велигденско примирје, кое потоа не беше почитувано.
„Сега тој објави ново примирје. Ќе видиме дали ќе се придржува до него, особено кога станува збор за напади врз инфраструктурата и цивилното население во градовите“, додаде Писториус.
Путин прогласи тридневно еднострано примирје во Украина во понеделник, пред 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Според соопштението на Кремљ, Путин наредил прекин на сите воени операции во Украина од хуманитарни причини од 8 до 11 мај, кога Русија го слави Денот на победата.
Во меѓувреме, Писториус го спореди предлогот за мировен договор на САД со капитулација на Украина.
„Предлогот што моментално е на маса повеќе личи на она што Украина можеше да го има пред една година - капитулација, откажување од членството во НАТО и без соодветни безбедносни гаранции“, рече Писториус.
Тој, исто така, потсети дека Украина веќе двапати доби безбедносни гаранции - во 1994 година со Меморандумот од Будимпешта и во 2015 година со Минскиот договор, потпишан меѓу Германија, Франција, Русија и Украина.
„И двата пати тоа не значеше ништо“, заклучи германскиот министер.
Писториус повика на континуирана воена и финансиска поддршка на САД за Украина.
„Не станува збор само за одбранбена борба на суверена држава во Европа, туку и за безбедноста на цела Европа, односно регион кој има посебно значење за Соединетите Американски Држави уште од Втората светска војна и, според мене, мора да продолжи да има“, рече Писториус.
Зборувајќи за загриженоста дека американската влада би можела да ја суспендира помошта за Украина, Писториус рече:
„Ќе направиме сè што е во наша моќ да ја замениме таа поддршка, но пред сè ќе се стремиме Американците да ги задржиме со нас.“