Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова го номинираше професорот Трајко Славевски за нов гувернер на Народна банка со мандат од седум години.
Славевски моментално ја извршува функцијата Претседател на Советот на град Скопје, а исто така е и професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Тој беше министер за финансии во периодот 2006-2009 година и се смета за еден од најистакнатите економисти, а претходно министер за развој од 1999 до 2000 година, за до 2002 година да биде советник во Министерството за финансии.
Во минатото бил и потпретседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и исто така ја предводел комисијата за финансиски политики.
За да биде изгласан предлогот за гувернер на Народна банка на претседателката во Собранието е потребно обично мнозинство од гласовите на пратениците. Главна задача на гувернерот е да се грижи за монетарната политика, да врши надзор над комерцијалните банки и штедилници, и да ги следи макроекономските параметри.
Функцијата гувернер е неспоива со членување или раководење на политичка партија.