Пакистанскиот министер за информации, Атаулах Тарар, изјави дека неговата земја има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа.
Изјавата на Тарар доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете нуклеарно вооружени земји, откако Индија идентификуваше двајца од тројцата осомничени милитанти како Пакистанци кои стојат зад нападот на 22 април во кој загинаа 26 лица во туристичкиот град Пахалгам во Кашмир.
Безбедносните претставници и преживеаните рекоа дека милитантите ги одвоиле мажите на местото на нападот, ливада во областа Пахалгам, ги прашале за нивните имиња барајќи хиндуисти пред да пукаат во нив од непосредна близина.
Исламабад негираше каква било вмешаност и побара независна истрага.
По нападот, Индија и Пакистан презедоа низа мерки едни против други. Индија го суспендираше клучниот Договор за водите на реката Инд, додека Пакистан го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании.
„Пакистан има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа користејќи го инцидентот Пахалгам како лажен изговор“, рече Тарар во објава на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека секој чин на агресија ќе биде пресретнат со решителен одговор. Индија ќе биде целосно одговорна за какви било сериозни последици во регионот, најави тој.
Министерството за надворешни работи на Индија не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
И двете земји, Пакистан, каде што мнозинското население е муслиманско, и Индија, со мнозинско хиндуистичко население, тврдат дека ја поседуваат територијата на Кашмир. Секоја земја контролира само дел од таа територија и досега водеа две војни за неа.
Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави за Ројтерс дека индиската воена интервенција е неизбежна.
„Пакистан е во состојба на зголемена готовност, но ќе употреби нуклеарно оружје само во случај на директна закана за нашето постоење“, рече Асиф во интервју во неговата канцеларија во Исламабад.