Рускиот претседател Владимир Путин во четврток му се заблагодари на својот кинески колега Kси Џинпинг за приклучувањето кон одбележувањето на 80-годишнината од светата победа над Адолф Хитлер во Втората светска војна, додавајќи дека двете земји сега стојат заедно против неонацизмот.
Присуството на Кси на комеморацијата по повод крајот на војната е важно за рускиот лидер, кој од самиот почеток ја прикажа агресијата врз Украина како борба против неонацистите.
Украина и нејзините сојузници го отфрлаат ова како гротескна лага, обвинувајќи ја Москва за спроведување империјалистичка офанзива.
„Победата над фашизмот, постигната со огромни загуби, е од трајно значење“, му рече Путин на Кси.
„Заедно со нашите кинески пријатели, цврсто ја чуваме историската вистина, го заштитуваме сеќавањето на настаните од воените години и се спротивставуваме на современите феномени на неонацизмот и милитаризмот“.
Кси рече дека двете земји, како светски сили и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, ќе соработуваат во спротивставувањето на унилатерализмот и хегемонијата, мислејќи на САД
„Соочена со меѓународниот тренд на унилатерализам и хегемонистичко насилно однесување, Кина ќе соработува со Русија за да ги преземе посебните одговорности на големите светски сили“, му рече Кси на својот руски колега.
Кинескиот претседател изјави дека Пекинг и Москва заеднички ќе промовираат правилен поглед на историјата на Светската војна, ќе го заштитат авторитетот и статусот на Обединетите нации, решително ќе ги бранат правата и интересите на Кина, Русија и огромното мнозинство земји во развој и ќе работат на промовирање на фер, уредна, мултиполарна и инклузивна економска глобализација.
Двајцата лидери разговараа по средбата на црвениот тепих во една од најраскошните сали во Кремљ, ракувајќи се пред камерите и нарекувајќи се еден со друг драги пријатели.
Кси е најмоќниот меѓу неколкуте десетици странски лидери кои пристигнаа во Москва оваа недела по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
Одбележувањето на настанот се случува во клучен момент од војната во Украина, во време кога Москва и Киев се под притисок од САД да постигнат мировен договор.
Кси, лидерот на земја заглавена во трговска војна со САД, треба да потпише серија договори за продлабочување на безграничното стратешко партнерство што Русија и Кина го потпишаа во 2022 година, помалку од три недели пред Путин да ја испрати својата војска во Украина.
Кина е најголемиот трговски партнер на Русија и ја спаси нејзината економија погодена од западните санкции. Кина е исто така најголемиот купувач на руска нафта и гас.