Црна Гора останува најверојатниот кандидат од регионот на Западен Балкан што може да стане нова членка на Европската Унија за време на мандатот на сегашната Европска комисија, по што следува Албанија, изјави комесарката за проширување Марта Кос.
Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), Кос објасни дека би било неуспех ако ниту една нова земја не стане членка на Унијата за време на мандатот на Европската комисија, и таа е сигурна дека тоа може да се направи.
„Можеме да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот до крајот на 2026 година од техничка гледна точка“, рече Кос.
Таа предвидува завршување на преговорите со Албанија за 2027 година, но нагласи дека е важно двете земји да продолжат со спроведување на реформите покрај завршувањето на овој технички дел од процесот на пристапување, бидејќи на крајот одлуката дали една земја може да стане членка на ЕУ ќе зависи од тоа.
Таа не ја исклучи можноста Молдавија, па дури и Украина, да станат дел од овој процес и верува дека до 2029 година ЕУ би можела да има „повеќе од две нови членки“.
Таа упати предупредување до Србија, велејќи дека властите во земјата сега мора да докажат дека навистина се за европскиот пат, и потврди дека во Брисел со симпатија гледаат на студентите кои протестираат барајќи реформи.
„Она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото што Европската комисија го бара од Србија во процесот на преговори. Тоа се владеењето на правото, борбата против корупцијата, јавните набавки, медиумското законодавство, изборното законодавство“, рече Кос.
Во однос на Косово, Европската комисија сега првенствено чека на формирање нова влада за да знае со кого ќе преговара, а ја опиша Северна Македонија како „тажна приказна“ со оглед на тоа колку долго таа земја чека на процесот на преговори.
„Ако чекаме со Украина толку долго колку што чека Северна Македонија, тогаш Киев би ги почнал преговорите во 2045 година, рече Кос.
Коментирајќи ја ситуацијата во БиХ, Кос рече дека во околности кога политичарите го напаѓаат уставниот поредок на таа земја, тешко е да се започнат преговори.
„Поради внатрешнополитичката ситуација, не можам ниту да назначам главен преговарач. Тие не се во можност да стават на хартија програма за реформи што ќе им овозможи да добијат една милијарда евра од Планот за раст на ЕУ“, потсети Кос, потврдувајќи дека лидерот на босанските Срби Милорад Додик повеќе не може да биде соговорник и гледа светла точка во опозицијата од Република Српска, која ја оцени како конструктивна, и се надева дека нивното доаѓање на власт би можело да значи напредок за процесот на преговори со БиХ.