Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, изјави дека САД и Украина постигнале договор за 22 конкретни акциони планови насочени кон прекин на војната со Русија.
Келог разговараше за „Фокс њуз“ за мировните преговори одржани минатата недела во Лондон, на кои учествуваа претставници на САД, Украина и земјите од групата Е3 (Велика Британија, Франција и Германија).
„Се согласивме за 22 многу специфични мерки по отворени, искрени и тешки разговори со Украинците. Веруваме дека сега сме во многу добра позиција“, рече Келог.
Тој призна дека на украинските функционери не им се допаднале сите предложени мерки, но дека „ова е нормално кога имате какви било преговори“.
„Кога ќе погледнете сè што Украинците се подготвени да направат, сега е ред на Русија, ред на Путин. Имаме една страна. Сега ни треба друга. Мислам дека сме блиску“, додаде тој.
Келог го критикуваше тридневниот прекин на огнот прогласен од Русија претходно овој месец, нарекувајќи го апсурден и го повтори повикот на Трамп за траен и сеопфатен прекин на непријателствата.
Тој тврди дека Русија не постигнала никакви значајни воени успеси, велејќи:
„Русија не постигна никаков голем напредок во последната година и пол. Тие не го освоија главниот град Киев, не ја преминаа западно од реката Днепар, што е огромна пречка, не ја освоија Одеса. Изгубија стотици илјади војници и не ги поместија линиите.“
„Украинците се борат на својата земја. Тие се борат жестоко“, истакна тој.
Тој, исто така, ја спомена растечката европска поддршка за Украина, наведувајќи дека се планираат нови сили на отпорот предводени од Велика Британија и Франција, без американски трупи.