Бугарскиот претседател Румен Радев објави дека ќе поднесе барање до Уставниот суд откако претседателката на Народното собрание, Наталија Киселова, одби да го стави на гласање неговиот предлог за одржување референдум за влез на Бугарија во Еврозоната во 2026 година, објавија бугарските медиуми во петок.
Обраќајќи се пред новинарите на аеродромот во Софија, Радев повтори дека секој бугарски граѓанин треба да има право да го изрази своето мислење за тоа дали земјата е подготвена да го усвои еврото.
„Референдумот ќе биде коректив за бугарската демократија. Ќе им овозможи на граѓаните да ги слушнат сите аргументи и ќе им даде можност на политичарите да го обноват дијалогот со гласачите и да се борат за довербата што беше изгубена во изминатите години“, рече Радев.
На почетокот на неделата, Радев предложи национален референдум на кој ќе се праша дали граѓаните го поддржуваат воведувањето на еврото во 2026 година.
Министерката за финансии Теменушка Петкова, исто така, одговори на предлогот, истакнувајќи дека членството во еврозоната е клучно за зачувување на економската и финансиската стабилност на Бугарија во контекст на глобалната неизвесност.