Очекувам плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска се сретна претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан.
„Од денес па до четврток, заедно со тим од Владата, заедно со тим од мојот кабинет, се наоѓаме во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во билатерална посета. Деновите коишто следат очекувам да бидат многу плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека денот го започнале со исклучително квалитетна и пријателска средба со Неговото височество, претседателот на ОАЕ.
„На средбата и двајцата ја истакнавме потребата од многу поблиски односи, многу поплодни односи, а јас, од моја страна, накратко ги образложив нашите цели како Влада, но истовремено, го поканив Неговото височество, претседателот на ОАЕ, да ја посети Македонија, а нормално, бизнис заедницата од ОАЕ одблиску да ги согледа сите можности за директно инвестирање во делот на туризмот, инфраструктурата, енергијата, земјоделството и така натаму- нешто што, убеден сум дека може да претставува солидна основа за наша билатерална и подлабока соработка“, рече Мицкоски.
Владината делегација во наредните денови ќе има средби со стопанските комори на Емиратите- Дубаи, Абу Даби, Шарџа- како и многу средби со компании коишто се присутни во регионот и коишто покажуваат интерес да инвестираат во Македонија.