Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани одржаа протест пред Јавното обвинителство во Скопјe, јавува Анадолу.
Тие побараа оставка од сите одговорни, како и правда за жртвите во пожарот.
„Селективната одговорност е НЕодговорност“, „Убиството на млади луѓе е убиство на иднината“, беа дел од транспарентите што ги држеа семејствата на жртвите, кои носеа и нивни фотографии.
Некои од семејствата влегоа во зградата на Јавното обвинителство, а потоа тргнаа кон зградата на Собранието на Северна Македонија, каде што се одржуваше собраниска седница на која се расправаше за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Пред зградата на Собранието семејствата на настраданите се сретнаа со неколку пратеници од опозицијата.
Потоа семејствата се упатија кон Министерството за внатрешни работи, каде што беа примени од министерот Тошковски.
Да потсетиме, во раните утрински часови на 16 март во дискотеката „Пулс“ во градот Кочани избувна пожар предизвикан од пиротехнички средства за време на вечерна забава.
Првично во пожарот загинаа 59 лица, а над 170 беа повредени.
Бројот на настрадани се зголеми на 62 откако уште три лица, кои беа на лекување во странство, им подлегнаа на повредите во различни временски периоди.