РЕГИОН
3 мин читање
Популизам и aдитиви
Визијата на ДКСК е „да се воспостави ефикасен систем за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси“, но кога првиот антикорупционер е осомничен за кодошење во голема криминална афера, тогаш нешто не е во ред со визијата
Популизам и aдитиви
Иако одговорноста на Димитровска е индивидуална, овој состав на ДКСК отфрли две пријави поврзани со работата на ЕСМ и спорната набавка на адитиви / Others
пред 17 часа

Автор: Игор Шегавиќ

Корупцијата е систем кој се штити самиот себе и начин на функционирање на одредени делови од општеството, изјави во средата премиерот Христијан Мицкоски, а потврдата за тоа дојде веќе наредниот ден кога Обвинителството почна истрага против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска. 

Таа е осомничена дека му оддавала службени тајни на обвинет во случајот „Адитив“, во кој поранешни директори на ЕСМ и РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и неколку бизнисмени се товарат за криминал со набавка на адитиви, тежок над 6 милиони евра.

Димитровска засега е само под истрага, а дали е виновна за оддавање на службена тајна ќе се докажува во истражната и евентуално судската постапка.

Но моралната одговорност е нешто сосема друго. 

Кривичниот суд на Димитровска ѝ одреди забрана за работа, но за неа ќе беше подобра таа да си поднесеше оставка, а и Комисијата не требаше да чека четири дена да се огради од претседателката и да почне да ја уверува јавноста дека нивната мисија за превенција и борба против корупцијата на сите нивоа останува непроменета и посилна од било кога.

Но штетата е веќе направена. Или, како што смета поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, Димитровска без оставка сè уште ја инфицира институцијата.

Визијата на ДКСК, кои што стои на веб страницата на Комисијата е „да се воспостави ефикасен систем за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси“.

А членовите на Комисијата се визионери, па за остварувањето на мисијата од државата побарале дипломатски пасоши и службени возила, небаре, откако ќе ја исчистат корупцијата во земјава ќе продолжат да се борат против митаџиите и во странство.

Но кога за еден месец повеќе од сто функционери, директори на јавни претпријатија, полицајци, лекари и бизнисмени се осомничени за две корупциски афери од огромни размери, а првиот антикорупционер е осомничен за кодошење во исто така голема криминална афера, тогаш нешто не е во ред со визијата.

Затоа и на самиот почеток на мандатот, во своето попусто оправдување за аздисувањето со дипломатските пасоши и службените автомобили, ДКСК се дрзна да го нарече популизам одењето на работа со велосипеди и автобуси на нивните претходници, кои не сакале да ги заштедат парите на граѓаните, туку сакале да им ги замачкаат очите за наводно малиот бројот на отворени предмети за корупција.  

Димитровска заедно со останатите членови на ДКСК го почнаа мандатот со давање на свечна изјава во републичкото Собрание, а пред него одговараат за својата работа. 

Но Собранието може да покрене постапка за нејзино разрешување ако во судска постапка биде утврдена нејзина одговорност.

Очигледно дека е потребен нов систем на избор на членови на ДКСК ако се имаат во предвид забелешките на невладините организации на начинот на кој се избирани членовите на овој состав на комисијата. 

Политичките партии и од власта и од опозицијата максимално ја оцениле Димитровска, но таа добила ниски оценки од претставниците на невладините организации кога се избирале кандидатите.

Иако одговорноста на Димитровска е индивидуална, овој состав на ДКСК отфрли две пријави поврзани со работата на ЕСМ и спорната набавка на адитиви. 

И токму затоа, тешко дека Комисијата, како што соопшти, ќе ја увери јавноста дека институцијата останува целосно доследна на почитувањето на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото.


*Мислењата изразени во овој напис се мислења на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан


Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us