Починатиот папа Франциско како ретко кој понтиф пред него го обиколи речиси целиот регион во неговата служба на Светата столица, уште од неговото устоличување во 2013 година. Неговата мисија беше да посетува земји кои имаат мала, но значајна католичка заедница, а истовремено да упати пораки за соживот, прифање на различностите и дијалог.
Јас сум Христијан Станоевиќ, а вие ја слушате новата епизода на БалканКаст.
Прв понтиф на македонско тло
Папата Франциско во мај 2019 година ја посети Македонија, со што стана прв понтиф кој дошол во земјата од нејзината независност во 1991 година. Неговата посета беше прва на високопрофилна личност, неколку месеци по промената на уставното име во Северна Македонија, кога општеството беше длабоко поделено по ова прашање.
„Гладни сме Господи за братство, каде индифирентноста, дискредитирањето, клеветењето нема да ги наполнат нашите маси, и нема да го заземат првото место во нашиот дом. Да се прекршуваме и да се поделиме заедно со него и да учествуваме во чудото на умножувателот, кој сака да стигне и да допре до секој агол од овој град и од оваа земја со малку нежност и сочуство“, изјави Папата Франциско од градскиот плоштад во Скопје при одржувањето на Светата миса.
Неговата посета се поклопи со одбележувањето на 25 години од воспоставување дипломатски односи со Ватикан. Тој ја посети и Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, која во 2016 година ја прогласи за светица и потсети на нејзината мисија. Главната миса ја одржа на плоштадот Македонија пред 15.000 луѓе и над 300 новинарски екипи од целиот свет.
Обид за зближување со православните цркви
По Скопје, веднаш следеше и тридневна посета на Бугарија, каде папата се обиде да направи зближување со православната црква. Токму поради можните реперкусии во Скопје немаше директна средба со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Франциск се сретна со патријархот Неофит, поглаварот на Бугарската православна црква, кој почина во 2024 година. Сепак, бугарските православни челници не сакаа да одржат заедничка богослужба и молитва со Франциск, со образложение дека посетата е на покана на државните власти. Шизмата која трае речиси 1.000 и натаму не е поместена.
Исто така посетата тогаш ја искористи да упати пораки за прифаќање на мигрантите.
„На сите Бугари, кои се запознаени со драмата на емиграцијата, со почит им препорачувам да не ги затвораат очите, срцата или рацете - во согласност со вашата најдобра традиција - пред оние што чукаат на вашата врата“, рече папата Франциск во Софија.
Албанија прва европска посета на папата Франциск
Албанија беше избрана за прва држава која папата Франциск ќе ја посети непосредно по неговото устоличување во 2014 година. Балканската држава ја одбра поради соживотот меѓу трите големи конфесии, православието, исламот и католицизмот кој го нарече верско братство и инспирација за другите народи.
„Особено имам пофалба за една среќна карактеристика на Албанија, која мора да се зачува со голема грижа и внимание. Мислам на мирниот соживот и соработка меѓу припадниците на различни вери. Климата на почитување и меѓусебна доверба меѓу католиците, православните и муслиманите е скапоцено богатство за земјата и добива посебно значење во нашето време… Тоа е дар кој постојано мора да го бараме од Бога во нашите молитви“, порача папата во Тирана.
На мисата во Тирана тој предупреди дека никој не треба да се затскрива зад Бога во вршење дела против човештвото и повика на поголема борба со верскиот екстремизам со поголема глобална солидарност и зголемување на меѓуверскиот дијалог.
Папата Франциск беше силен глас за прифаќање на мигрантите во екот на мигрантските кризи изминатите години и честиот нехуман третман во земјите низ кои транзитираа или беа примени како азиланти.
Таквата заложба ја демонстрираше на дело со посетата на грчкиот остров Лезбос, а потоа и при посетата на грчката престолнина Атина, каде ја критикуваше европската некоординираност околу мигрантите поттикната од националистичка поделба.
Повик за мир и соживот
Папата Франциск во јуни 2015 година го посети Сараево, 20 години по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина. Тој дојде да искаже подддршка за мирен соживот во земјата.
„Но, војната значи деца, жени и стари лица во бегалски кампови, присилно напуштање на домовите, уништени куќи, и бизниси, многу уништени животи. Вие го знаете ова многу добро бидејќи сето ова го доживеавте токму тука. Колку страдање, колку уништување, колку болка“. порача понтифот во Сараево
На тој ден, пред речиси 70.000 верници на стадионот Кошево, папата Франциск ја водеше мисата и испрати силна порака: „Никогаш повеќе војна!“
Тоа беше се за оваа епизода. Останете информирани.