logo
macedonian
БалканКаст: Како да се зауздаат дивите возачи и нивните родители?
06:06
Регион
БалканКаст: Како да се зауздаат дивите возачи и нивните родители?
Парадоксално е денес кога имаме побезбедни патишта и автомобили, да има сѐ повеќе сообраќајки, и малолетници кои ги предизвикуваат.  А, за тоа се виновни непромислените граѓани, кои без оглед на последиците им ги даваат автомобилите на нивните деца

Црна точка во сообраќајот среде центарот на македонската метропола, и тоа широк булевар со јасно обележана сигнализација и често присуство на полиција. На 29 јануари годинава на булеварот Партизанска беше усмртена 22 годишната Фросина Кулавкова, од страна на 20 годишниот Васил Јованов. Тој возел без возачка дозвола, со алкохол во крвта, со преголема брзина и преминување на црвено. Фросина е само уште една млада жртва во црната серија на прегазени пешаци и велосипедисти, најчесто од страна на диви возачи.   

Полицијата дневно лови по 60 возачи без никаков документ, најчесто малолетници, кои поради својата возраст и неискуството се потенцијални предизвикувачи на сообраќајни несреќи, кобни за нив, но и за останатите учесници во сообраќајот.

Јас сум Христијан Станоевиќ, а вие ја слушате новата епизода на поткастот на ТРТ Балкан. 

Дека ова не е изолиран случај покажува статистиката на Министерството за внатрешни работи. Во 2024 година се фатени над 22.000 вакви возачи, но за да нема забуна, не станува збор за лица кои немале возачка дозвола кога ги сопрела полицијата, туку кои учествувале во сообраќајот без воопшто да стекнат право да управуваат возило. 

Еден од нив е и скопјанецот кој е обвинет за усмртувањето на Фросина. Јованов од ноември 2022 до јануари 2025 година возејќи со автомобилот на неговиот татко предизвикал сообраќајна несреќа со полесни телесни повреди и направил 11 сообраќајни прекршоци.

Маја Арсова Манов, началник на Секторот за сообраќајни работи на МВР, во разговорот со Игор Шегавиќ открива дека станува збор за опасен тренд, што го потврдуваат и бројките од годинава.

„Видете, за сообраќајната култура придонесуваме сите. Не може да кажеме тоа е…. Ако ја видите статистиката дека имаме над 1.700 констатирани сообраќајни прекршоци каде што лице управува моторно возило пред да се стекне со право за управување за еден месец на територија на цела држава, тоа е навистина алармантна бројка“. 

Казните се високи, нема кој да ги спроведе

На македонските патишта може да управуваат лица со важечка домашна, странска или меѓународна возачка дозвола, а во спротивно предвидени се парични казни од 300 евра во денарска противвредност. 

Сообраќајната некултура и непочитување на останатите учесници, карактеристична за поголемиот број граѓани, доби на сила низ годините како резултат на транзицијата и шупливиот правосуден систем. Систем од кој се изродија бесни и некултурни возачи поради неиздавање казни или нивно кинење преку врски и никакви или симболични затворски казни за тешки сообраќајни несреќи. 

Затоа е парадоксално, денес кога имаме подобри патишта и побезбедни автомобили, да има сѐ повеќе сообраќајки, но и малолетници кои ги предизвикуваат.  А, за тоа се виновни непромислените граѓани, кои без оглед на можните последици им ги даваат автомобилите на своите деца, иако немаат положено возачки испит. 

„Како причина не може да се потенцира дека е токму тоа, таа и таа причина и толку, завршуваме. Целиот склоп на настани го прават своето. Да, имаме посовремени возила, меѓутоа имаме и подобри патишта, дел од инфраструктурата допрва ни е за реконструкција, за менување, за обновување, дел веќе особено на отворените патни правци, како што може да видите се работи, и тоа интензивно се работи кон надградување и усовршување на патната мрежа“, вели Маја Арсова Манов од МВР.

Дали „Безбеден град“ конечно ќе воведе ред во сообраќајот?

Каков е односот на државата кон сообраќајот најдобро покажува фактот дека од 2021 година нема нова национална стратегија или било каков офцијален документ за зголемување на безбедноста во сообраќајот, по првите стратегии од 2009 до 2014 и 2015 до 2020 година.

„Ова е новина кај нас во државата. За првпат се воведува вакво нешто за разлика од нашите соседи каде секаде има електронски систем за детекција на сообраќајни прекршоци. И сега ние треба, не е само Законот за БСП каде што треба да се направи измена. Ние правиме измени во Закон за возила, за прекршоци, Кривичниот законик. Сето тоа прави една склопка, кога тие делови ќе се поклопат, тој мозаик, тогаш ќе почне“, истакна Маја Арсова Манов од МВР

Сепак, благодарение на притисокот од јавноста по трагедијата на Фросина, надлежните институции подетално ѝ пристапија на истрагата која резултираше и со обвинение за таткото на Васил Јованов. Се забрза и процедурата за ставање во функција и на системот Безбеден град односно употребата на камери за регистирање на сообраќајните прекршоци, која со години се одолговлекуваше.

„Проценката наша, пак ќе кажам зависи од се, зависи од системот каков ќе биде, зависи и од другите институции. Не е само МВР како МВР единствен бидејќи ние еве ќе констатираме прекршок, понатаму е процедура која треба да се проследи од страна на судот“, смета Маја Арсова Манов.

Постапката против Васил Јованов треба да стане пракса, а не исклучок зошто само така ќе може да се зголеми безбедноста во сообраќајот. За некого може не е проблем да плати казна, но ќе размисли дали друг пат ќе му го даде автомобилот на своето дете ризикувајќи затворска казна. А, токму тоа му се заканува на таткото на Васил, кој е обвинет за предвизвикување општа опасност од небрежност, за што освен парична казна е предвидена и казна затвор до три години.

Ви благодариме што ја слушавте оваа епизода, и до следниот пат, останете безбедни и информирани!

Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us