Црвена Ѕвезда по точно 30 години повторно истрча на теренот на Градскиот стадион во Скопје. Поводот беше одигрувањето на хуманитарниот натпревар против Вардар, со цел собраните средства од продажбата на влезници да бидат донирани за настраданите од катастрофалниот пожар во Кочани.
Идејата за пријателската средба е на фудбалската легенда Дарко Панчев, кој играше за златната генерација на Вардар во поранешниот шампионат на Југославија, а потоа со трансферот во Црвена Ѕвезда ги постигна највисоките успеси. Покрај, хуманоста и солидарноста, ова пријателско фудбалско соочување отвори и уште една тема, а тоа е желбата за регионалната фудбалска лига и колку е реално тоа да се случи во блиска иднина.
Јас сум Христијан Станоевиќ, а вие ја слушате новата епизода на поткастот БалканКаст на ТРТ Балкан.
Обединети во хуманоста
Националната арена „Тодор Проевски“ беше речиси целосно исполнета, што е показател дека спортските фанови знаат да ја демонстрираат хуманоста на дело. Сите собрани средства од натпреварот ќе бидат донирани во хуманитарни цели поврзани со кочанската трагедија.
Спортистите од регионот, особено во фудбалот и другите популарни екипни спортови, изминатиот период се организираат да одржат хуманитарни натпревари за да се собере донација повеќе, која нема да ја излечи големата болка, но колку што е можно ќе ја намали и ќе испрати порака дека тие луѓе не се сами и дека многумина мислат на нив.
По иницијативата на Панчев и Најдоски со Звездан Терзиќ директорот на белградскиот тим, се очекуваат и хуманитарни настани со Христо Стоичков легендата на бугарскиот фудбал. Тој натпревар треба да се одигра во Варна, а македонските ветерани ќе ги предводи Горан Пандев.
Желбата наречена регионална фудбалска лига
Со години се нафрлува идејата за формирање регионална фудбалска лига, која ќе биде пандан на некогашниот фудбалски шампионат на Југославија, во која ќе се следат натпревари меѓу ривалите Ѕвезда, Партизан, Динамо, Хајдук, Вардар, Сараево, Будуќност.
Но, иако вакви формати има во кошарка и ракомет, се уште се смета дека такви дуели може да разбудат некои сеништа од минатото.
Владан Милојевиќ, тренерот на Ѕвезда исто така посака следниот пат кога ќе гостуваат во Скопје тоа да биде со поинаков повод.
„Сите во потсвеста сакаат да се направи таа екс-ју лига, постарите се сеќаваат на такви дуели. Посебно што мојот брат играше во таа лига. Така се сеќавам на Вардар, на нивните великани. Како играч сум играл против Тони Савевски кога играв за АЕК, јас тогаш бев во Аполон. Тоа би било добро, но тоа не е прашање за мене. Постарите се враќаат во некое минато, но ќе видиме дали во иднина тоа ќе се случи. Искрено, јас би сакал. Вардар е традиционално добар клуб, видовте колку народот го сака овој Вардар“, порача Милојевиќ во Скопје.
Новизбраниот челник на ФФМ Масар Омераѓик, исто така посочи дека идејата треба да се спроведе во соработка со УЕФА.
„Тоа е нешто слично како и АБА Лигата во кошарката. Како и да е, добро е затоа што големи клубови ќе доаѓаат повторно во Македонија, во Скопје, нели … Динамо, Звезда, Партизан, Хајдук, Сараево, Челик, Будуќност, да не набројувам… сѐ зависи по кои критериуми би се учествувало во таа лига и што би било целта и кој е бенефитот од таа лига. Инаку, ако лично мене ме прашате спортот треба да ги зближува луѓето, јас не гледам причина, а посебно фудбалот да не биде фактор на обединување“, посочи Омераѓиќ во неодамнешниот разговор за ТРТ Балкан.
Фудбалските работници сметаат дека е потребна анализа од повеќе аспекти, безбедносен, фудбалски, и маркетиншки, па тогаш да се донесе одлука.
Но, едно е сигурно публиката е желна за убави спортски дуели и унапредување на фудбалот на овие простори.
Тоа беше се за оваа епизода. Останете информирани.